Заев: Со договор за името Македонија добива имотен лист, ќе впишеме во катастар Република Македонија

by Fokus 16:08
16:08

Премиерот Зоран Заев за време на денешната посета во Битола истакна дека очекува добри вести од Атина и престојот на министерот за надворешни работи Никола Димитров на меѓународна конференција што е во тек во близина на главниот грчки град.

Оптимизмот, рече Заев, го темелам на аргументации и врз основа на тоа што досега успеавме да постигнеме.

– Среќен сум што можам да кажам дека имаме успеси кои 27 години никој не успеал да ги постигне, а целосно ќе бидам среќен ако проблемот се реши, а притоа се сочува достоинството и идентитетот на македонскиот народ и држава. Тоа е многу важно, бидејќи треба да се знае што добиваме, а добиваме перспектива, добиваме иднина, добиваме имотен лист, ќе впишеме во катастар Република Македонија, ќе добиеме НАТО и ЕУ, граѓаните ќе добијат повеќе пари, економска стабилност. Сето тоа за мене е чин на патриотизам, и јас верувам дека сите чинители, заедно, ќе го направиме чекорот за да се надмине ова последно отворено прашање кое го има нашата држава, а потоа растоверени да се посветиме на перспективите – изјави премиерот Заев на прес конференција во Битола.

Според премиерот Заев, очекувањата се да има решение и, како што рече, очекувам да имаме решение пред да одлучува Европскиот Совет, а тоа е крајот на јуни, бидејќи тогаш ќе бидеме сигурни дека ќе добиеме датум за преговори, а познато е дека поканата од НАТО е по автоматизам.

-Се се сведува на донесување на решение пред самитот на ЕУ, што ќе се одржи кон крајот на јуни – нагласи Заев.

Поврзани новости