Заев со честитка за 23 Октомври: Борбата на македонските револуционери никогаш не била свртена кон минатото, туку кон иднината

by Fokus

Денеска го одбележуваме 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и со гордост се сеќаваме на македонските револуционери, на кои им се поклонуваме и ја чествуваме нивната пожртвуваност, челична истрајност и нескршлива волја за слобода, правда, еднаквост, независност и сопствена државност, напиша премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

Нагласи дека цветот на македонската младост и интелегенција собран околу Македонската револуционерна организација ја понел борбата за вековниот идеал на македонскиот народ, создавањето сопствена држава.

-Храброста на овие дејци блесна во Илинденското востание со што беше поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност, а нивната саможртва одекна надалеку меѓу народите во слободољубивиот светот, нагласи премиерот.

Заев истакна дека борбата на македонските револуционери никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на едни врз други, туку за владеење на принципите на правда, одговорност и еднаквост.

-Учејќи од цивилизациското наследство кое ни го остави македонската револуционерна борба ги отфрламе политиките на поделбите, а водени од желба за подобар живот и благосостојба ги повикавме сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, да се обединиме околу создавањето едно праведно општество за сите, порача премиерот.

Тој додаде дека борбата на македонските револуционери никогаш не била свртена кон минатото, туку кон иднината. -Во духот на овој завет, во име на нашата единствена иднина како дел од демократскиот и прогресивен свет, со членството во НАТО и Европската Унија, пруживме рака за соработка со сите наши соседи. Нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба!, истакна премиерот во својата честитка.

Поврзани новости