Заев: Слободата не ни беше оставена за да ја злоупотребуваат привилегираните

by fokus

Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани?, вака премиерот, Зоран Заев, го започна своето обраќање на свеченоста по повод празникот „Ден на востанието на Македонија – 11 Октомври.“

„Затоа што слободата и живејачката не се еднаш засекогаш зададени во одредени рамки. Секоја генерација е должна да ги проширува видиците. За сите граѓани на нашата држава. И да реагира тогаш кога некој го блокира, го оневозможува развојот на слободата, или самата слобода. Нашите претходни генерации, оние што ја извојуваа и што ни ја подарија државноста и слободата да живееме во неа, не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето, за да ја злоуптребуваме слободата само за некои што се сметаат за избрани и за привилегирани. Тоа е искривена слика за слободата. Тоа не е слобода“, порача Заев.

После сите последни премрежија и искушенија, додаде тој, сега е време да направиме од нашата држава дом за сите.

„Сите наши деца да ја видат како своја сопствена дестинација. Должни сме да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот Република Македонија. Сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани, е новата ѕвезда во европското соѕвездие. Дека го заслужуваме тоа место“, дополни премиерот.

Тој додаде дека Македонија мора одлучно и храбро да исчекори кон решавање на последните отворени прашања како би и се овозможило членство во НАТО и ЕУ.

„Велам: во оваа фаза од нашата историја, зашто тоа не е последната цел. Нашата цел, целта на оваа генерација, всушност, нема крај. Зашто освојувањето на слободата, како и чувањето на мирот, никогаш не завршуваат“, посочи претседателот на Владата.

 

Поврзани новости