Заев, Шекеринска и Џафери на носачот на авиони „Хари С. Труман“ се сретнаа со адмиралот Џејмс Фого

by fokus

Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на Собранието Тала Џафери се сретнаа денеска со адмиралот Џејмс Фого, командант на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол.

За средбата на својот фејсбук профил информираше премиерот Заев, посочувајќи дека таа се одржала на носачот на авиони „Хари С. Труман“.

-Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните воени способности на воено поморските сили на САД, кои им служат на американските, но и на сите граѓани на земјите членки на НАТО Алијансата. Стануваме дел од најмоќната воено-безбедносна и политичка алијанса на светот и во историјата на човечката цивилизација, се вели во статусот на премиерот.

Тој додава дека Северна Македонија припаѓа во најсилниот систем на колективна безбедност.

-Најсилните земји во светот се наши сојузници, а Северна Македонија е 30. полноправна земја членка на НАТО, вели премиерот во неговата објава.

За средбата на Фејсбук напиша и министерката за одбрана Шекеринска.

-Ден полн со адреналин. Слетавме на носачот на авиони „Хари С. Труман“. Заедно со премиерот Зоран Заев и шефот на парламентот Талат Џафери, таму имавме средба со адмирал Џејмс Фого, командант на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол. Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните капацитети на воздушно поморските сили на САД и на НАТО. Стануваме 30. членка на Алијансата и веќе сме дел од семејството, напиша Шекеринска.

Поврзани новости