Заев се закити со награда за лидерство

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, е награден за особен придонес за поттикнувањето на трговијата и инвестициите во Медитеранот од страна на Трансатлантскиот економски форум во Вашингтон. Тој е единствениот висок функционер од регонот кој доби награда за лидерство. Наградата „Лидери на Медитеранот“ ја прими заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев на завршната свеченост.

„Наградата која денес ја примам, во името на премиерот Зоран Заев, е признание за неговата работа, но и за работата на Владата која ја предводи. Бидејќи добро го познавам и имам можност секојдневно да работам со него, тврдам дека оваа награда ќе оди во вистински раце“, изјави вицепремиерот пред присутните.

Вицепремиерот во обраќањето, заблагодарувајќи се на наградата во име на премиерот Заев даде кус осврт на политичката ситуација во земјата изминатите две години и ги потврди евроатлантските амбиции на Република Македонија.

Анѓушев потенцираше дека Зоран Заев изминатите две години, работеше во интерес на граѓаните, со јасна цел да ја врати Република Македонија на вистинската патека, во насока на евро-атлантска интеграција на земјата.

„Ве уверувам дека Владата ќе работи одговорно и посветено да стигнеме до целта на ова патување, а тоа е Република Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ. Оваа награда ја препознаваме како поддршка за досегашната работа, а се надеваме дека еден ден Република Македонија ќе биде полноправен член на ЕУ и НАТО, развиена земја со силна економија“, истакна Анѓушев.

 

Поврзани новости