Заев се сретна со претседателот на Антикоруциската управа на Италија

by fokus

Премиерот Зоран Заев заедно со директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми вечерва се сретна со претседателот на италијанската Национална антикорупциска управа, Рафаеле Кантоне, придружуван од своите соработници и амбасадорот на Република Италија Карло Ромео.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, била изразена поддршка за постигнатиот Договор со Грција, кој бил оценет како голем и значаен чекор кон успешното остварување на напорите на земјава за европска и евроатлантска интеграција.

-Беше истакната и посветеноста на Владата на Република Северна Македонија за продолжување на реформите во правосудниот систем, јавната администрација, безбедносно-разузнавачките служби и борбата против организираниот криминал и корупцијата. На средбата, со највисокиот претставник на италијанската Национална антикорупциска управа позитивно беше оценето донесувањето на Законот за спречување на корупција и судир на интереси како и транспарентниот избор и именување на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Северна Македонија, се вели во сооштението од владината прес-служба.

Двете делегации се согласиле дека Северна Македонија и Италија ги поврзува искрено пријателство и соработка, со интенција и поддршка да се продлабочуваат и конкретизираат и идните чекори кои двете земји ќе ги преземаат во областа на борбата против корупцијата, размената на заеднички искуства, идеи, практики и мерки и во други области.

Во таа насока, напоменуваат од Владата, е и утрешната Конференција „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел – италијанскиот пример”, која ја организираат Мисијата на ОБСЕ и италијанската Амбасада во Скопје, а на која ќе учествува и ќе говори премиерот Заев.

На Конференцијата, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со италијанската пракса за борба против корупцијата, а ќе се дискутира и за независните надлежни органи одговорни за антикорупција, важните реформи и перспективи за интеграција на земјата во Европската Унија.

Поврзани новости