Заев се слушна со Фон дер Лајен: Брисел потврди дека С. Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција со ЕУ

by fokus

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во денешниот телефонски разговор со премиерот Зоран Заев истакнала дека Северна Македонија е успешен и позитивен пример за Западен Балкан за остварените реформи, за постигнатите договори со Грција и Бугарија, и за лидерството во регионалната соработка. Брисел, посочила таа, очекува позитивно решение како заеднички остварен резултат на сите страни за успешна интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Како што соопшти владината прес-служба, на разговорот, на кој присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Заев изразил благодарност за пакетот за проширување и за позитивниот извештај на Европската комисија за нашата земја со кои Брисел потврди дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.

Премиерот Заев додаде дека оваа поддршка има дополнително значење бидејќи е придружена со Економскиот и инвестициски план за земјите од регионот за поддршка на процесот за остварување на европските стандарди на државите од Западен Балкан со аспирации за членство во ЕУ.

Тој ја информирал претседателката на ЕК Фон дер Лајен и за тековните разговори со Република Бугарија и ги презентирал позициите на Северна Македонија.

Во тој контекст, како што се наведува во соопштението, Заев се заблагодарил за личниот ангажман на претседателката на ЕК, како и на сите еврокомесари, особено нагласувајќи го ангажманот на овој план на германското претседателство со ЕУ и за посветеноста да се најде решение, кое ќе биде успех за Северна Македонија, за Република Бугарија, за ЕУ и за Западен Балкан.

Во телефонскиот разговор Заев ја информирал Фон дер Лајен и за успешното организирање како заеднички домаќини на Лидерскиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Софија на кој беа донесени значајни одлуки и декларации од посебна корист за регионалната соработка и за економски развој на земјите од регионот согласно плановите и агендата на ЕУ.

Во соопштението се посочува и дека премиерот ја информирал претседателката на ЕК Фон дер Лајен и за ситуацијата со КОВИД-19 во земјата и се заблагодарил за поддршката на ЕУ во справувањето со пандемијата.

Поврзани новости