Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Нарине Сахакјан, со која заеднички ја оценија досегашната соработка како успешна и разменија мислење за тековните активности и остварување на трансформациски промени во креирањето на јавните политики.
На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, било разговарано за тековните и идните активности на УНДП, со фокус на главните предизвици на локалниот развој и Проектот за финансирање на изработка на техничка документација во области како хидротехнички проекти, системи за дистрибуција на гас, јавни објекти, бизнис и индустриски и други инфраструктурни проект.
Била истакната поддршката од УНДП во изработката на Националната стратегија за развој на земјата, при што е констатирано дека продолжува имплементацијата на Рамката за соработка на одржлив развој на Обединетите нации во насока на постигнување на целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.
– Беше поздравена меѓусебната соработка и отвореноста на Владата за унапредување на соработката, особено во проекти за побрз и одржлив развој на економијата, како и инвестирање на капитални проекти кои го подобруваат животот на граѓаните во општините, информираат од Владата.