Заев: Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите треба да се двигатели

by fokus

Политичките лидери од регионот треба да ги обезбедат сите услови со цел младите да го прифатат и да го предводат бранот на промени во своите земји и во регионот и да станеме конкурентен дел на Европа, истакна денеска премиерот Зоран Заев на завршната пленарна сесија на Четвртиот форум за младинско лидерство, што се одржа во Нови Сад, насловена „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“

– Трансформацијата започна да го менува регионот и создава услови да ги аплицираме и примениме европските стандарди во секојдневието и во комуникацијата меѓу народите во регионот, изјави Заев.

Тој нагласи дека нема поубава порака за нашата иднина за десетина години, од овој собир на кој се собрани млади луѓе да испратат порака дека се охрабрени и мотивирани и дека сакаат да активно да учествуваат во креирањето на сопствената иднина во регионот и во Европа.

– Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите треба да се двигатели на тие промени. Не може да чекаме некој друг да ни помогне, нагласи премиерот Заев.

Тој потенцираше дека политичките лидери треба да ги обезбедат сите услови младите да учествуваат во изнаоѓањето решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочува нашиот регион и Европа.

– Сите сме охрабрени од потенцијалот на нашиот регион да произведува соработка, добри вести, реформи и решавање на проблемите, како и од пријателствата што ги имаме ширум Европа и светот. Сите сме силно мотивирани да направиме повеќе од нас и за нас, за да му докажеме на целиот свет дека национализмот, конфликтите и проблемите се зад нас, а прогресивниот дух, желбата за соработка и решавање на заедничките проблеми се пред нас, рече Заев.

Поврзани новости