Заев: Првите вакцини против Ковид-19 ќе пристигнат во февруари

by fokus

Првите количини од „Фајзер“ вакцината ќе пристигнат во февруари, а согласно планот за дистрибуција останатите се очекуваат во првите месеци од 2021, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за МИА.

Премиерот нагласи дека Министерството за здравство од почетокот на пандемијата, поточно веќе осум месеци е во преговори со Ковакс механизмот, за набавка на вакцини против Ковид-19 на Светската здравствена организација и на Глобалната алијанса за вакцинација и во 2021 година започнуваат со активности за конечно запирање на ширењето на Ковид-19.

Набавката подразбира 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот.

-Веќе е потврдено дека првите количини од „Фајзер“ вакцината ќе пристигнат во февруари, а согласно планот за дистрибуција останатите се очекуваат во првите месеци од 2021. Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони, истакна Заев.

Започнат е процесот на планирање и подготовка на тренингот за вакцинирање согласно спецификите на вакцините за Ковид-19, а сите здравствени работници кои ќе бидат задолжени за аплицирање на вакцината се вклучени во обуката со поддршка на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.

-Се подготувуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Добри вести се и оние кои велат дека вакцини за нашите граѓани ќе пристигаат во исто време кога ќе пристигаат и кај некои од земјите-членки на ЕУ како што се Бугарија, Австрија, Грција, Полска и кои веќе најавија дека дел од нивните вакцини ќе бидат распоредени и за земјите од Западен Балкан, вели премиерот.

Додава дека темпото за дистрибуција на вакцините против Ковид-19 го утврдува Ковакс системот.

-Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација, кој што овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам. Сите земји од регионот и Европа аплицираа во тој механизам, нагласува Заев.

Во врска со критиките на опозицијата дека власта не се потрудила доволно за побрза набавка на вакцините, Заев вели дека Министерството за здравство веднаш откако се укажала можноста за директни преговори со производители на вакцини против Ковид-19, стапило во контакт со произведувачи на вакцини како Фајзер и Астра Зенека.

-Водиме преговори и со други произведувачи кои се на пазарот. Првите сериозни количини вакцини кои може да направат реална промена на иминуолошки план ќе ги добиеме во исто време со останатите земји од регионот. Масовната вакцинација во Северна Македонија ќе се случува во исто време со земјите од регионот, вели Заев.

Поврзани новости