Заев: Проверив колку ќе ме кошта еден бројчаник, ја чекаме првата правосилна пресуда

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, вели дека се чека првата правосилна пресуда против осомничени поранешни функционери за злоупотреби за да биде поставен бројчаникот на Порта Македонија, кој ќе ги пресметува вратените средства одземени од државата. Како што вели Заев во интервју за „Радио Слободна Европа“, за да можат да се вратат украдените пари по закон мора да има правосилна судска пресуда.

-Кога ќе падне ваква одлука тогаш приватно ќе го платам бројчаникот од 5-6 илјади евра. Како што гледате проверив колку кошта. Не затоа што мојата суета работи туку и да остане за спомен на следните генерации, како не треба, дека секој кој ќе украде треба да е свесен дека потоа ќе биде фатен – вели Заев.

Заев вели дека е многу важна временска рамка во преговори со ЕУ за носење на одлуките, но дека таа поприлично зависи и од изнаоѓањето на решението за проблемот со името.

„Можеби недоволно зборуваме, ерга омнес значи мој однос наспроти сите, тоа е ерга омнес, наспроти интер партес и тоа е однос меѓу двајца, меѓу Македонија и Грција. Сега ерга омнес се појави дополнително и за внатрешна употреба, но се работи за политичко прашање. Зошто политичко? Затоа што двете страни мора да изнајдат решение коешто е взаемно прифатливо, за да помине низ институциите на двете земји. Јас можам да кажам дека при овој дел на креативноста сите опции се отворени, веројатно. Ние и разговараме кога би се спровел референдум, дали би значело конечност на ова решение во одреден период, а не веднаш, можеби веднаш, па така е најдобро, сето тоа е дел од модалитетите за кои се разговара, така што рамката е многу важна, временската рамка за носењето на одлуките“, вели Заев.

На прашањето дали би се прифатило во таква временска рамка од околу 10 години преговори со ЕУ името што би го договориле двете страни да биде и за внатрешна употреба, Заев вели:

„Чекајте прво да го вклучам оптимистот Заев. Десет години е многу, јас верувам дека порано. Европа пласираше еден датум 2025 година, а имајќи предвид дека Македонија добива препораки од 2009, а е земја кандидат од 2005 можеме многу порано, јас верувам дека можеме да ги пристигнеме Црна Гора и Србија кои отвораат поглавја, но тоа зависи пред сè од нашите домашни перформанси и капацитети. Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија“, додава тој.

Поврзани новости