Заев пред светските лидери: Сакаме да ја смениме културата на комуникација во Македонија

by fokus

Да создаваме влади што им служат на граѓаните и соработуваат со нив, така се заложува да работи и Владата на Република Македонија, изјави премиерот, Зоран Заев, пред светските лидери на панелот „Отворено владино партнерство – Враќање на довербата во владата“, во рамките на дебатите на Генералното собрание на Обединетите Нации.

„Воспоставувањето доверба меѓу владите, граѓаните и организациите од различни видови е од клучно значење за воспоставувањето транспарентни и енергични демократии. Сакаме да ја смениме културата на комуникација во Македонија. Владата донесе одлука дека јавните информации ќе бидат обезбедени дигитално бесплатно. Ова е во согласност со нашиот план за демократски реформи, Планот 3-6-9 и нашата агенда за ЕУ“, порача премиерот.

Тој посети на политичката криза во Македонија и на скандалот со масовното прислушување, по што, рече, граѓаните ја изгубиле довербата во институциите. Кризата во една земја, рече тој, може да се надмине само низ заедничка соработка со сите граѓани, организации и политички субјекти. Заев збореше и за потребата од одделување на институциите од партиски влијанија за да работат исклучиво во корист на граѓаните.

„Владите што сакаат да им служат на своите граѓани се отворени. Тие не се кријат. Тие откриваат, размислуваат и создаваат со граѓаните. Треба да ги искористиме постоечките механизми и да создадеме нови за да ги направиме нашите демократии стабилни“, порача Заев на крајот од своето обраќање.

 

Поврзани новости