Заев попладне му носи потписи на Иванов за да го добие мандатот

by Фокус 13:46
13:46

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска во 14 часот ќе оддржи средба со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, на која ќе му донесе потписи од неговите пратеници, но и од пратеници од скоро сите албански партии, вклучувајќи ја и ДУИ, за да докаже дека контролира парламентарно мнозинство, велат за Фокус извори од СДСМ.

Веднаш по парламентарните избори, Иванов прво му го довери мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но тој не успеа да состави влада во рокот од 20 дена, па претседателот на државата порача дека по втор пат ќе го додели мандатот на онаа партија или коалиција што ќе докаже дека обезбедила мнозинство во парламентот.

По едномесечни преговори меѓу СДСМ и ДУИ, партијата на Али Ахмети одлучи да му го даде потписите Заев, но нагласи дека тоа не значи по автоматизам и формирање на нова влада, туку дека ќе преговараат за формиарње на новата владата во уставно определениот рок од 20 дена.

Другите албански парламентарни партии и коалиции – БЕСА и Алијансата на Албанците, уште одамна му дадоа поддршка на сдсмовскиот лидер за да го земе мандатот, но и тие истакнаа дека дали ќе учествуваат во владата ќе зависи од тоа дали ќе бидат прифатени нивните платформи и изборни програми.

Инаку, освен потписи, Иванов од идниот мандатар побара и гаранција дека новата влада нема да го загрзи уставното уредување на државата и дека ќе спроведе реформи во безбедносните структури.

В.С.

Поврзани новости