Заев побара од Мета Македоците во Албанија да имаат исти права во целата држава

by fokus

Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со претседателот на Албанија, Илир Мета, кој се наоѓа во дводневна посета на Македонија.

Заев и Мета се согласија дека меѓусебното помагање на меѓународен план придонесува за подобрување на условите за економско – трговска соработка и едногласно испратија порака дека постои простор трговската размена меѓу двете земји да расте и да се развива.

-Градиме едно општество за сите. Се заложивме да не ги делиме граѓаните, сите да имаат исти права и исти обврски и сите делови од нашата држава да се развиваат еднакво, рече премиерот Заев.

Тој ја истакна континуираната поддршка на Албанија за членството на Република Македонија во НАТО и ја потенцираше соработката меѓу двете земји за што поскора интеграција во Европската унија.

Претседателот Мета изрази поддршка за Евроатлантските интеграции, со надеж за успех во решавањето на сите отворени прашања. Мета ги подвлече заложбите на Република Албанија за почитување на културата и идентитетот на малцинските заедници во Албанија.

Премиерот Заев, нагласи дека очекува припадниците на македонското национално малцинство да ги имаат истите колективни права подеднакво на целата територија на Албанија.

Поврзани новости