Заев по средбата со Бејли: Очекувам Иванов да го даде мандатот

by fokus

Парламентарното мнозинство по изборот на новиот собраниски претседател, ги презема следните чекори согласно Деловникот, Уставот и законите во процесот за формирање на новата реформска влада. Очекуваме Ѓорге Иванов да постапи согласно уставните задолженија и да го даде мандатот“, изјавил Зоран Заев, по средбата со американскиот амбасадор, Џес Бејли.

На средбата заеднички било констатирано дека демократските процеси е неопходно да продолжат со формирање на новата реформска влада, којашто ќе обезбеди стабилност во државата и перспективи на Македонија кон НАТО и ЕУ, а со тоа и квалитетен живот за сите граѓани.

„Новата влада ќе ги спроведе потребните реформи и ќе обезбеди, за сите граѓани, без разлика на политичката, етничката или каква било друга припадност, сигурна иднина, во праведна и унитарна Република Македонија. Иднината на Македонија се НАТО и ЕУ и одлучни сме да работиме на вредностите што водат кон тие интеграции“, рекол Заев.

На средбата, како што соопшти СДСМ, било осудено насилството во Парламентот и било констатирано дека сите политички субјекти мора да бидат на ниво на одговорноста и да овозможат мирен трансфер на власта и заштита на граѓанските и државните интереси.

Поврзани новости