Заев по повод 28 години од зачленувањето на Македонија во ОН: Да останеме обединети, силни и посветени и во овие тешки моменти

by fokus

Со членството во ОН нашата држава се етаблираше на меѓународна сцена, како самостојна и независна држава, еднаква во меѓународното семејство на народи. Во изминатите 28 години поминавме многу предизвикувачки моменти и премрежија кои бараа храбри одлуки. Со мудро лидерство, разумни политики и обединетост сите успеси ги постигнавме откако станавме членка на ОН. Да останеме обединети, силни и посветени и во овие тешки моменти да ја направиме заканата од корона вирусот да биде минато со одговорно однесување на сите.

Ова го порача премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук по повод одбележување на 28 години од приемот на нашата држава во Организацијата на Обединетите нации (ООН) под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

-Денес одбележуваме 28 години полноправно членство во Обединетите нации како Република Северна Македонија. Со членството во ОН нашата држава се етаблираше на меѓународна сцена, како самостојна и независна држава, еднаква во меѓународното семејство на народи. Во говорот во ОН на овој ден во 1993 година, претседателот Глигоров ги постави темелите на нашите вредности и ги зацрта нашите најважни приоритети во надворешната политика, на кои и денес сме посветени и кои неуморно ги реализираме. Тие темели се цврсти и непроменети и денес и се базираат на Повелбата на Обединетите нации во која од секоја земја се очекува да учествува во јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, развивањето на економската соработка и заштита на човековите права, како предуслови за побезбеден и праведен свет за сите, напиша Заев..

Почитувајќи ги овие принципи во сите изминати години Северна Македонија, наведува тој, го даваше својот придонес во решавањето на меѓународните конфликти во согласност со резолуциите на Советот за безбедност, во интерес на мирот и на безбедноста.

-И денес, кога сме 30-та земја членка на НАТО, рамноправно продолжуваме да учествуваме во одржување на безбедноста и мирот во светот заедно со нашите сојузници во најмоќната политичка и воена алијанса во историјата на човештвото. Поставивме пример за другите дека со дипломатија и дијалог, со разбирање и толеранција, можат да се решат најгорливите прашања и да се добијат нови пријатели и сојузници. Активно ја поддржуваме и развиваме регионалната соработка за да биде во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на сите граѓани во нашиот регион, посочува Заев.

Во својот говор во ОН поранешниот претседател Глигоров, како што додава Заев, ја посочи и втората цел: „Република Македонија како европска држава се стреми да стане член на Заедницата на европските народи“.

Поврзани новости