Заев оптимист и за решение за Предлог-законот за државјанство

by fokus

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција истакна дека во Владата постои волја да се најде решение за Предлог-законот за државјанство, предложен од Алијанса на Албанците и Алтернатива, кое ќе се базира на европските практики.

Тој не сакаше да навлегува во детали околу можните законски решенија, но рече дека е потребен еден доказ, аргумент, врз основа на кој некој би се стекнал со државјанство.

Премиерот најави дека утре во Собранието ќе има координација за Предлог-законот меѓу пратеничките групи и министрите за внатрешни работи и за правда, се со цел да се дојде до најдоброто законско решение.

– Како претседател на Владата уште во четвртокот вечерта по седницата за пратенички прашања дадов насока до министрите за внатрешни работи и за правда, да подготват идеи, европски практики и да изнајдат потенцијални решенија, коишто ќе се засноваат на докази и аргументации. Нашата волја е присутна исто како и кај две опозициски партии Алијанса на Албанците и Алтернатива и верувам дека ќе најдеме решение, рече Заев, коментирајќи го барањето на Алијанса на Албанците и Алтернатива да се донесе нивниот Предлог-закон за државјанство во Собранието, во спротивно тие ќе ја блокираат работата на законодавниот дом.

Поврзани новости