Заев: Огромен дел од граѓаните знаат дека „Поткуп“ е местенка за да се спречат „бомбите“

by fokus 10:07
10:07

Премиерот Зоран Заев, кој денеска е на суд за случајот „Поткуп“, а на кое рочиште се гледа снимката од ПИ-мерките објавени на Јутјуб вели дека целиот случај бил со цел да се извалка и дискредитира тој како човек.

– Драго ми е што целиот процес беше разобличен, како во делот на испрашување на сведокот и презентација на докази, 70 од наша страна. Конечно правдата ќе се докаже во врска со мене. Постапките и процедурите се транспарентни, ме радува што може да ги следите. Јас знам дека од првиот момент огромен број на граѓани знаат дека ова е местенка за да се спречат „бомбите“, рече Заев.

На тригодишнината од случувањата во кумановско Диво Насеље, премиерот вели дека е јасно дека се работи за монструозна цел да се спаси некој кој бил на власт и додаде дека мора да има правосилна пресуда за случајот.

Инаку, во присуство на јавноста денеска во судницата во Кривичниот суд беше пуштена скратената снимка што беше објавена на Јутјуб во врска со предметот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев.

Снимката, како што посочи судијата Дарко Тодоровски трае нешто повеќе од три минути и 35 секунди. Во судницата беа присутни Зоран Заев, адвокатите Ване Андреев и Филип Медарски, како и јавната обвинителка Валентина Бислимовска.

Со гледање на снимката заврши доказната постапка. Следното рочиште е закажано на 15 мај кога ќе бидат дадени завршните зборови.

Снимката објавена на Јутјуб требаше да биде пуштена во судницата на претходното рочиште, но тоа не беше направено, бидејќи немаше технички можности.

Целосната снимка, пак, поради која Зоран Заев се товари за примање поткуп, беше пуштена на претходните рочишта во судницата без присуство на јавноста. Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.

М.В.

Поврзани новости