Заев од Свети Николе: Грција го призна македонскиот идентитет и македонскиот јазик

by fokus

Република Македонија со Договорот од Преспа го смени името, но Грција со него го прифати и призна македонскиот идентитет и македонскиот јазик, порача денеска премиерот Зоран Заев на трибината во Свети Николе: „Излези ЗА европска Македонија“.

Тој посочи дека на 30 септември треба да се обезбеди Македонија конечно да биде ставена на патот, по кој чекорат европските земји.

– Овој чекор што сега го направивме на 30 септември 2018 година по 27 години е токму тоа, да обезбедиме, да осигураме да ја качиме на шините оваа наша Македонија и да киниса конечно онака како што гледаме како се развиваат европските земји. Да, Република Македонија прифати преку овој договор да го промени своето сопствено име,  но доби признание и прифаќање од Грција на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик. Не само што го сочувавме, туку добивме признание од Грција за денеска конечно да имаме земја признаена од целиот свет, нагласи Заев.

Тој додаде дека никој повеќе не ја спори Македонија, како земја која има доминатно македонски народ признат од целиот свет, кој зборува доминантно македонски јазик, признат од целиот свет.

Градоначлникот на Свети Николе, Сашо Велковски нагласи дека европските перспективи за земјата значат претпристапни фондови, инвестициите за инфраструктурата, но што е уште поважно значат носење на европските стандарди во земјава.

Поврзани новости