Заев очекува во „Отворен Балкан“ да се приклучат и други земји

by Fokus

Балканот веќе не е темпирана бомба, туку симбол на пријателство, а регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ сега ни создава можности да направиме многу и сами да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев, во интервју за „Танјуг“,

Заев посочи дека за ова има исти размислувања со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со премиерот на Албанија, Еди Рама, и додаде дека во наредниот период, и покрај негативните реакции што доаѓаат од Приштина, Сараево и Подгорица, верува дека на оваа иницијатива ќе се приклучат и другите земји.

-Што е тука лошо ако дејствуваме заедно во случај на пожар, поплава или земјотрес. Ние тројно ги зголемуваме нашите капацитети, што значи повеќе спасени животи, како и заштитени имоти, кажа Заев.

Тој порача дека фокусот во наредниот период ќе биде границите меѓу Албанија, Србија и Северна Македонија да работат на принципот „без задржувања, само тргни“.

-Губиме една милијарда евра чекајќи на границите. Нашите безбедносни системи и министерствата за внатрешни работи имаат одлична соработка и споделуваат работи за евентуална борба против криминалот и корупцијата. Заедно ќе инвестираме во веројатно најголемата фотоволтаична централа од околу 700 мегавати, изјави Заев.

Тој посочи дека се отворени можности за финансирање проекти кои директно ќе им помогнат на граѓаните без чекање тоа да се направи преку поглавјата и членството во ЕУ.

-Кога ќе ја напуштам мојата Струмица и додека не стигнам во Белград, Горњи Милановац или Нови Сад, патарините ќе ми бидат пониски за пет отсто, можеби дури и за 10 отсто и тоа ќе важи за сите Македонци, Срби и Албанци. Хотелите исто така ќе понудат 10 отсто попуст за сместување и за рестораните за граѓаните од „Отворен Балкан, изјави Заев.

Премиерот нагласи дека е неопходно да се подобрат реформските процеси, владеењето на правото, целокупната слобода, здравството, образованието и регионалната соработка. Кажа дека сите три земји работат заедно и на создавање фонд што ќе ги мотивира актерите, режисерите и сценаристите да снимаат филмови, како тим, заедно.

 

Поврзани новости