Заев очекува успешна завршница за дискусијата за преговарачката рамка на 10 ноември

by Fokus

Премиерот Зоран Заев во интервјуа за магазинот „CorD“ вели дека се надева оти дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот за општи прашања, односно на ГАК, на 10 ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.

Во врска со подготвеноста на државата за отворањето на преговорите за пристапување во Европската Унија, тој вели дека се спремни да ја активираат брзата лента за исполнување на ЕУ-агендата.

-Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиентво нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните, вели Заев за магазинот кој се печати во Белград на англиски јазик и го читаат претставници на дипломатскиот кор во земјите во регионот и пошироко.

Премиерот во интервјуто зборува и за плановите во економијата. Тој вели дека во зависност од кризата целта во овој мандат на неговата влада е да има раст на платите од минимум 20 проценти.

-Имаме план за иновативна, стабилна, конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој. Во таква економија, платите ќе продолжат да растат. За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 проценти и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 проценти, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија, вели премиерот Заев во интервјуто.

Тој посочува и дека целта на Владата е до крајот на четиригодишниот мандат да се постигне солиден и одржлив економски раст од 4 отсто.

Поврзани новости