Заев очекува напредок во спорот со Бугарија после изборите

by Фокус

Во моментов нема разговори со бугарската страна, а после празниците ќе продолжат политичките контакти, порача денеска премиерот Зоран Заев. Сепак, тој не очекува напредок до завршување на изборите во Бугарија.

-Очекуваме до Божик отприлика повратен одговор од Бугарија затоа што очекуваме дополнување ако имаат некои идеи, затоа што иако се пред избори кои завршуваат на крајот на март мислиме дека за добробит за двете страни ќе биде било кое понапредно реализирање на акциониот план, составен и предложен од наша страна. Понатаму ќе продолжат и политичките контакти под раководство на двајцата министри за надворешнири работи. Реално јас очекувам напредок после завршување на изборите, заради тоа што нерационално е очекувањето пред изборите да се донесе некое решение кое би го ослободила нашиот пат кон ЕУ – вели Заев.

Тој рече дека Владата ќе продолжи со пријателство и објаснување на се што претставува резерва или незадоволство од бугарската страна за динамиката на реализација на Договорот.

-Се што преставува кај нив незадоволство ние ќе го објасниме. Сме сакале навистина железничката пруга на коридорот 8 да ја направиме побрзо, тоа е пред се итнерес на целиот македонски народ, но за жал динамиката на вака сложени проекти не е онака како што сите сакаме за една-две години да биде реализирана. Искрено се надевам и дека Бугарија ќе почне нешто да гради од таа страна како што е преминот Клепало. Железница почнува од Куманово, кон Ранковце, Крива Паланка до бугарската граница, ама и после границата има железница којашто треба да се изгради. Затоа заедничка е обврската на двете страни да обезбедиме инфраструктурата која ќе обезбеди повисок економски раст и развој – порача Заев.

Поврзани новости