Заев: Нема назад, без Договорот со Грција никогаш немаше да добиеме покана за НАТО

by fokus

За нас не постои друга алтернатива освен членство во ЕУ и НАТО. Без договорот Македонија никогаш немаше да добие покана за НАТО и датум за отпочнување на преговори со ЕУ како остварување на нашите стратешки цели.

Ова го порача вечерва премиерот Зоран Заев на граѓанска трибина во Штип во рамки на кампањата за референдумот што денеска ја започна коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“.

Оценувајќи дека не постои повозвишена патриотска должност од тоа да им служиш на интересите на сопствениот народ и да бидеш подготвен да понесеш политичка жртва верувајќи во исправноста на одлуките кои ги носиш, истакна дека тие веруваат и оти ќе излезат за европска Македонија за конечно да обезбедат сигурна иднина за сегашните и генерациите кои доаѓаат.

– Со договорот ги зајакнуваме нашите национални атрибути за еден народ. Никој понатаму и никогаш повеќе нема да може да го оспорува правото на нашето национално самоопределување. Грција прифати дека ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик. Тоа е прашање затворено за век, потенцира премиерот во Штип.

Заев забележа дека Македонија оди напред и дека за нејзините граѓани не постои друга алтернатива освен влез во ЕУ и НАТО.

– Нема враќање назад. Ние се определивме за Европска Македонија, ние одиме напред и верувам дека правиме квантен скок во eвропска Македонија, рече Заев.

Поврзани новости