Заев: Нема да им успее поттикнувањето меѓуетнички конфликт

by Фокус

На денешната Меѓународна конференција посветена на обезбедувањето на базичните предуслови за демократска Македонија се обрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој порача дека мора да има фер и регуларен изборен процес и изборите да се спроведат со доверлив и чист Избирачки список, а не со, како што рече, илјадници непостоечки гласови и измислени матични броеви.

-Криминални избори, избори без демократската јавност и опозицијата, се мрачно сценарио за Македонија што го посакуваат антидемократските струи предводени од Никола Груевски. Тие кои се обидуваат деновиве на сите начини да видат спас за себе, па дури несовесно поттикнувајки меѓуетнички конфликт. Нема да успеат. Се освестија граѓаните. Нема да биде лесно. Но, СДСМ како најголема опозициска партија е подготвена да ја преземе одговорноста за нормализација на институциите во Република Македонија и за напредок во евро-интеграциските процеси. Парите што ги украдоа од граѓаните, ќе ги вратат, рече Заев во својот говор.

Тој додаде дека цел да СДСМ е  општество со силна средна класа, пристоен живот за мнозинството граѓани на Република Македонија, еднаквост меѓу граѓаните, праведни даноци, повеќе работни места и подобри плати.

-Само во такво општество, со економска сигурност на граѓаните тие ќе можат да се чувствуваат слободно, да бидат слободни, да се заложуваат, да ги бараат и да ги бранат своите права. Имаме многу сериозна Програма со конкретни мерки и чекори како ќе постигнеме слободна, демократска, економски стабилна Македонија, заклучи Заев.

Поврзани новости