Заев: Не се мешам во работата на комисијата, именувањето на фашистичкиот окупатор е политика

by fokus

Наше право е и обврска да ги учиме следните генерации, да го препознаат фашизмот, да го осудат и да си ја учат својата историја, но иствремено да ја испраќаме и пораката дека не смееме да обвинуваме цели едни нации за фашизам, кажа премиерот Зоран Заев по неговата најава дека ќе се брише називот „бугарски“ од Фашистичкиот окупатор на спомениците, но и од учебниците.

– Кога ќе видите во западноевропските земји фашистичкиот окупатор нема етничка, национална боја каде и да гледате во светот. И затоа секако на спомениците ќе остане фашистички окупатор, целта е да се избегне бугарски или ако има одредени други провокации коишто испраќаат порака кон нацијата, а не кон фашизмот и фашистичкото однесување во целиот тој период. Не може да кажете дека градите искрено пријателство, добрососедство и соработка затоа што треба да бидете ориентирани кон иднината, рече Заев.

Сепак тој смета дека со оваа најава не се меша во работата на Македонско-бугарската историска комисија и вели дека именувањето на фашистичкиот окупатор е политички аспект.

-Назначувањето или именувањето на фашистичкиот окупатор, или давањето на етничка димензија на фашистичкиот окупатор не е дел од работата на историската комисија. Таа го работи делот на историските моменти на тоа што се случувало, кој каков ревозуцинер или партизан бил. Политички аспект е дел од политиката и затоа го дискутирам. Не можете да ги осудите и децата на тогашните генерации и сите генерации дека биле фашисти, етнички. Фашизмот бил зло, појава која во тоа време било присутно, но не може да кажете дека цела нација била фашистичка, рече Заев. Тој вели дека факт е дека Македонија била под окупација на фашистите, но според него, соработници на фашистите имало и во Македонија.

Тој порача дека нема да испорачуваат ништо до бугарската влада се додека не добијат поддршка и гаранција од неа.

-Ние нема да испорачуваме конкретни чекори додека не добиеме поддршка. Ние имаме договор и очекуваме Бугарија да биде пријател и поддржувач на евроатланскиот процес, додаде Заев.

Поврзани новости