Заев најави рестартирање на ОХИС, не ги спомена заостанатите 24 плати на работниците

by fokus

Премиерот Зоран Заев на дебата со граѓаните во Драчево во понеделникот најави дека новата Влада ќе го рестартира хемискиот гигант ОХИС кој сега е под стечај. Тој рече дека за ова веќе било разговарано на Економскиот совет на Владата да се најде инвеститор кој повторно би ја отворил фабриката. Најави и дека до крајот на ноември се очекува да се најде компанија која ќе ја изврши детоксификацијата на загаденото земјиште, но не спомена ништо за 24 плати кои државниот загубар им ги должи на веќе поранешните вработени.

Министерството за економија информираше дека во моментов над АД ОХИС се води стечајна постапка отворена на 20.04.2016, како и дека во јуни оваа година, од страна на Центарот за управување со кризи, е изготвена и до Владата на РМ доставена Информација за ризик по безбедноста, здравјето на луѓето и животната средина од постројките за складирање и чување на хемиски материи во АД ОХИС во стечај.

„Фокус“ го праша и кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски кој победи во првиот круг, дали доколку стане градоначалник на општината ќе се заложи на поранешните вработени во ОХИС, од кој 80 отсто се жители на Кисела Вода, да им бидат исплатени заостанатите 24 плати.

-Нормално дека ќе се заложам и за платите и за чистење на токсичните материи. Како градоначалник, во интерес ми е ОХИС да проработи и ќе правам се во моја надлежност побрзо да се најде решение и за ОХИС и за вработените, вети Темелковски.

ОХИС кој беше еден од државните загубари им должи по 24 плати на поранепнешните вработени, кои беа испратени под Агенцијата за вработување како технолошки вишок. Вкупниот долг за плати кон вработените е околу 5 милиони евра. Владата на ВМРО-ДПМНЕ имаше 13 неуспешни обиди да најде инвеститор и да го продаде хемискиот гигант.

К.С.

Поврзани новости