Премиерот Зоран Заев најавува дека од политиката ќе се повлече за три години. Тој во интервју за српски Курир изјави дека еден премиер на функција треба да остане најмногу до два мандати. Во спротивно, според него, постои ризик премиерот да стане автократ.
-Секаде е тоа ризик, но особено на Балканот. Здраво е секогаш да доаѓаат нови луѓе. Сега сум во вториот мандат, кој би требало да заврши до 2024, и верувам дека тогаш и ќе го завршам. Тогаш ќе се вратам во нашата компанија, повторно да работам комерцијално. Најмногу се каам веројатно што во политиката влегов така, на прва. Кај нас старите луѓе велат: „Бегај подалеку од политика и мотика“. А јас со мотика дојдов во политика. Катастрофа. Но во таа доба беше семејна обврска да се влезе во политика. И тогаш заглавив во неа. Политиката е како порок – тешко е да влезеш и да излезеш. Но, секако, голема чест е да се биде премиер на својата земја – рече Заев.