Заев на средба со ДИК: Должни сме сите професионано да си ја вршиме работата

by fokus

Референдумот е обврска од важен државен карактер. Сите институции се должни да соработуваат со Државната изборна комисија (ДИК). И Владата стои на располагање, на принципиелно ниво, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на ДИК и тоа ќе го направиме, рече денеска премиерот Зоран Заев на средбата со претседателот на ДИК Оливер Дерковски и членовите на Државната изборна комисија.

Заев порача дека сите имаат одговорност професионално да одговорат на своите должности.

– Верувам дека секој ја знае својата професионална и човечка одговорност за овој важен процес. Должни сме сите професионално да си ја завршиме работата, потенцира Заев.

Дерковски и членовите на ДИК посочија дека работат професионално, штедливо и домаќински, како и дека ќе продолжат во таа насока, за достоинствено да одговорат на законските обврски пред граѓаните.

Како што информира владината прес-служба, на средбата е заеднички нагласена важноста од професионално и транспарентно работење на Државната изборна комисија пред и на денот на престојниот референдум, со цел доверба на сите граѓани и политички субјекти во процесот. Се разговараше и за медиумската кампања поврзана со референдумот, за потребата од почитување на законските одредби поврзани со кампањата, како и за финансиските средства што му се потребни на Собранието за нејзино спроведување.

На средбата со претседателот и членовите на ДИК присуствуваше и министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

Поврзани новости