Заев му замери на Вељановски за „северномакедонци“, тој возврати: Македонци ќе можеме да си се нарекуваме само дома со фамилијата

by fokus

Ќе си седиме дома и во фамилија ќе си збориме Македонци, но вие кога ќе излезете надвор ќе бидете „северномакедонец“, господине Заев, му рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељановски, на премиерот, Зоран Заев, за време на денешната расправа за уставните амандмани.

Заев му замери на Вељановски што го користи тој збор во својот говор и посочи дека идентитетот е загарантиран со Договорот.

-Не е одговорно да кажете северномакедонци. Договорот потврдува дека остануваме Макдонци, правото на определба ни е потврдено. Иденитетот ниту еден меѓународен договор не го реорганизира. Точно дека нашата земја геогрфски ќе биде допрецизирана. Таа е цената што требаше да ја платиме за да ги отвориме перспективите на оваа наша заедничка Македонија. Повикувам на државотворноста да проработи во секој од нас – порача Заев.

Тој додаде дека сите правници кои ги консултирала Владата рекле дека името на државата во Уставот може да се промени со промена на секој член поединечно, или со еден член како што предлага Владата.

-Искусен човек сте и сте биле претседател на Собранието, да и правник сте. Но со ова се потврдува дека тројца правници четири мислења имаат. Зошто да одиме со промена на сите членови, достоинството да ни биде погазено и да се пролонгира процедурата? Македонија го менувала неколку пати Уставот, па еве жива и здрава е. Земја имаме, наша е и тоа никој не го оспорува. Сите знаеме дека е наметнат спорот, се обидуваше низ годините секоја Влада да го реши, затоа што сите знаеме дека нема иднина со нерешен спор – додаде тој.

Поврзани новости