Заев: Му пуштив порака на Вучиќ дека сум изманипулиран, лично му се извинив и на Тачи

by Фокус

Премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју за ТВ Клан Македонија истакна дека како непосреден и директен човек постојано комуницира со цел да се решат проблемите, но, најави тој, ќе се зајакне протоколот за телефонските разговори, откако двајца руски комичари лажно му се претставиле и го убедиле дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Комуницирам со премиерите и претседателите од целиот свет. Сум се слушал со најголемите лидери, како што е канцеларката Меркел, потпретседателот Пенс. Разговорите потоа јавно ги објавуваме преку соопштенија. Протоколот ние го знаеме кога ја правиме конекцијата. Но секојдневната потреба на оваа мала земја да се интегрира, да се избори, го ставаат премиерот и други функционери да комуницираат директно со својот мобилен телефон – рече Заев.

Тој вели дека искомуницирал со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, поради тоа што, мислејќи дека разговара со Порошенко, говори дека е против идејата за надминување на косовското прашање преку размена на територии.

– Не сакав да се мешам во внатрешните работи, туку ги охрабрувам двете земји да најдат заемно прифатливо решение. Му пуштив порака на Вучиќ дека сум изманипулиран, лично се извинив на Тачи, го објаснив тоа што го кажувам, дека е слушнато од кулоари – рече Заев, додавајќи оти ги охрабрува двете земји да се вратат на преговарачка маса.

Според него, зад разговорите не стои Русија, туку станува збор за приватна работа.

Поврзани новости