Заев му испрати писмо на Иванов и побара повлекување на аболицијата

by Фокус

Господине Иванов, со вашиот непромислен и послушнички акт да донесете одлука за општо помилување со кое се прекинуваат сите кривични постапки против политичари кои што се поврзани со политичката криза и аферата прислушување, уште повеќе ја продлабочивте политичката и општествената криза која длабоко ја зафати нашата земја.

Одлукуте за помилување донесени на 12.04.2016 претставуваат невиден преседан со кој најгрубо ги прекршивте Уставот и законите во Република Македонија.

Го погребавте Договорот од Пржино и ги рушите перспективите за враќање на правната држава.
Тие одлуки се доказ дека вие ја злоупотребивте својата функција и надлежностите како претстедател на државата и им нанесовте сериозен удар и штета на евроатлантските перспективи на Република Македонија.

Затоа барам веднаш да ги поништите вашите одлуки за помилување од 12 април 2016 година и да отворите пат за враќање на демократските процеси во земјава и оживување на урнисаната правна држава.

Вашето неуставно постапување е дискриминирачко и создава поделба меѓу граѓаните на политичари кои сакате да ги ослободите од одговорност за тешки кривични дела и останатите граѓани кои подлежат на казни и за минорни кривични дела. Со своето однесување ја вративте Македонија во средниот век со поделба на граѓаните на “недопирливи“ и “обични смртници“.
Воедно промовиравте и принцип на неодговорност за политичарите и рушење на темелните прави принципи.

Покрај тоа ви укажувам дека одлуките за помилување ги донесовте надвор од законските норми, без да имате законски основ за тоа. Членот 11 од Законот за помилување од 1993 година, на кој се повикувате веќе не е во сила. Таа одредба која му овозоможуваше на шефот на државата по исклучок без спроведена претходна постапка да ослободува од гонење одредени лица за сторени кривични дела беше укината со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година.

Со одлуката на Уатавниот суд за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, Законот за помилување стана нефункционален и не дава можност претседателот на државата да врѓи помилувања без спроведување постапка, бидејќи укинувачката одлука на Уставниот суд не може да ги “оживее“ првобитните одредби на законот и да ги врати во сила.

Тоа е темелен постулат на правото образложен уште од “таткото“ на уставното судство, Ханс Келзен, а тоа Вам како професор требало да ви биде познато.

Во ситуација на создадена правна празнина само Собранието може да го регулира прашањето на помилувањето, со измени на Законот или со нов закон, што досега не е направено. Вие не смеете самоволно да си ги проширувате надлежностите и да помилувате надвор од законската рамка, бидејќи согласни член 84, став 1, алинеја 10, од Уставот на Република Македонија, помилувањето се дава согласно со закон. Вашите одлуки за помилување од 12 април 2016 година се штетни и спротивни на државните интереси и формално правно ништовни бидејќи се донесени спротивно на членот 84 од Уставот на Република Македонија и на одредбите на Законот за помилување.

Поврзани новости