Заев: Можно е набргу да влеземе во НАТО

by fokus

Убеден сум дека Македонија може да стане членка на НАТО, ако мудро се однесуваме и не правиме непотребни провокации како досега многу брзо ќе станеме членка на НАТО, изјави вечерва во интервју за МРТ премиерот Зоран Заев.

Заев рече дека е убеден дека може да се најде и решение за проблемот со името кој Грција го има со Македонија, но такво кое не задира во идентитетот на Македонците.

„Ние немаме намера да правиме нови провокации, не да менуваме имиња на нешто туку да не правиме нови провокации. Тоа ќе ги релаксира односите со надеж дека може да се најде решение“, додаде тој.

Според него, влезот на земјава во НАТО би се случил под привремената референца.

„НАТО за Македонија значи живот, повеќе пари, безбедност стабилност сигурност. За нас тоа е се, сакаме да негуваме односи со сите вклучувајќи ја и Русија, но наши партнери се НАТО и ЕУ“, изјави Заев во однос на руското влијание на Балканот.

Во однос на односите со Србија и Косово Заев рече дека Македонија треба да остане неутрална кога се работи за прашања поврзани со овие две земји како на пример она со УНЕСКО и Косово.

„Пријателско Косово и пријателска Србија се надеваме ќе не разберат зошто сме неутрални. Ние треба да имаме пријателски однос со сите и онака не зависи од нас конечната одлука“, рече Заев.

Поврзани новости