Заев: Меѓународни истраги за Смилковско, за убиствата на Младенов и Нешковски

by fokus

Треба да има меѓународна и независна истрага за убиството на Смилковско езеро и за настаните во Куманово, за убиството на Никола Младенов и за убиството на активистот на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Нешковски, изјави во интервјуто за српски Курир, лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Новинарот на српскиот медиум го праша за објавите во медиумите каде се споменува дека некој од македонските функционери му помогнал на еден од водачите на таа криминална група да се префрли на Косово.

„Многу структури се инволвирани. Еден е Синиша Алексовски. Го чувме разговорот помеѓу него и лицата кои се јавуваат кај командантот Мирсад Ндрецај од Косово, познат криминалец и бандит кој хара по овие простори – Косово, Србија, Прешево, Куманово, тетовскиот крај, скопскиот дел и тие имале комуникација. Зошто имале потреба да имаат меѓусебна комуникација. Постојат сериозни индиции за Синиша Алексовски. Мислам дека тој е шеф на обезбедување на тајните служби кој беше кај Ѓорѓе Иванов, но постојат и други индиции за инволвираност во високите структури. Јас на граѓаните им ветив меѓународна истрага за убиството на Смилковско езеро и за настаните во Куманово, за убиството на Никола Младенов, за убиството на активистот на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Нешковски. Мора да постојат независни истраги за вакви работи. Ако сакаме да бидеме земја како сите други земји не може да постојат вакви табу теми, да не се знае кој убил четири деца од македонска православна вероисповест или да не се знае кој уби наши осум полицајци, зошто тоа се случило, кој стои позади тоа, кој убил еден од најславните македонски новинари Никола Младенов. Тој беше критички настроен кон СДСМ и кон ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Заев.

Во интервјуто Заев говори и дека постојат разговори кои покажуваат дека нема докази дека луѓето што се обвинети за убиството на Смилковско езеро и што лежат во затвор, се виновни.

„Во прислушуваните разговори не постои доказ кој покажува кој го извршил убиството, но постојат сомнежи дека власта е вмешана. По разговорите може да се сфати дека постојат сериозни индиции дека власта сакала да покаже дека Албанци убиле Македонци“, вели Заев.

Повеќе од 20 илјади луѓе се прислушувани, убиен е новинар, политички активист, под сомнителни околности се случи нападот во Куманово, сомнителен е случајот на убиството на децата кај Смилковско езеро. Кога сето тоа ќе се собере тоа е страшна атмосфера. Ме плаши како граѓанин на Србија да не му текне на некој да го препише тој модел, прашува новинарот

„Тоа е страшно. И овој момент што тој не ја предава власта е страшен. Ќе дојде време кога и СНС ќе мора да ја предаде власта. Веројатно некогаш ќе изгуби на избори во Србија, па може да кажат: „Овие во Македонија не сакаа да ја предадат власта, па ајде нема ни ние“. Балканот знае да копира лоши работи многу едноставно“, додава Заев.

Според новинарот, СНС е демократска партија. „Тие би ја предале власта ако изгубат“, вели тој.

– Кој? Вучиќ? Колку што гледам тој многу учи од Груевски. Не им треба тоа. Тоа е лошо. Цел свет го осудува она што Груевски го прави. Случаите кои ги споменувате се само еден отсто од сите злодела кои власта ги направи. Украдоа пет ипол милијарди евра се изнесени од Македонија. Ги фативме за провизија од 20 милиони евра, 15 милиони евра од кинески кредити. Тоа е јавно достапно и никој не се огради од тоа. Постојат сериозни истраги во врска со тоа и ќе биде утврдена одговорност. Имаме и апсење на новинари. Јас бев во притвор седум месеци како потпретседател и кандидат за шеф на опозиција. Имаме опозициски лидери кои беа и по пет години во затвор откако Груевски е на власт во Македонија, коментира Заев.

Тоа е значи македонското сценарио? Прислушкување на граѓани, убивање на новинари, апсење опозициски политичари, го прашува новинарот.

– Не им го посакувам на нашата братска Србија било кога да и се случи македонско сценарио, некој да ги прислушува,, да им ја уништи слободата, демократијата и правдата, додава Заев.

Поврзани новости