Заев: Македонија нема да биде бинационална држава и никој нема да наметнува странски интереси

by fokus

Република Македонија нема да биде двонационална држава, таа ќе остане таква каква што е и никој нема да наметнува странски интереси, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

-Правото на протест е загарантирано во секоја демократска држава. Поради оваа причина минатиот четврток одговорив на сите прашања на опонентите од ВМРО-ДПМНЕ. Јасно одговорив дека сè што ќе правиме ќе биде во интерес на интегритетот на Македонија и во согласност со Уставот. Република Македонија нема да биде двонационална држава, таа ќе остане таква каква што е. Никој нема да наметнува странски интереси. Во однос на “Тиранската платформа” – тука станува збор само за преговори меѓу политичките партии за формирање влада. Сè што ќе прави владата ќе биде во интерес на сите нејзини граѓани и на Република Македонија, изјави Заев во интервјуто.

Тој рече дека очекува демократските процеси да се движат во согласност со Уставот, деловникот на Собранието и законите на Македонија, а тоа значи новоизбраниот претседател на Собранието да добие печати, да биде прогласен за избран во Службен весник, а потоа да го пушти писмото до претседателот Ѓорге Иванов за давање мандат на новиот кабинет.

-Се што имам, е Македонија и нема да ги продавам националните интереси. Македонија е татковина на Македонците и на другите заедници – знаете тука имаме Бугари, има Срби, Роми, Власи, Турци, имаме и Албанци. Таа е наша татковина, рече Заев.

Поврзани новости