Заев: Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО

by fokus

Македонија ќе биде 30-тата членка на НАТО, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев за црногорскиот весник „Побједа“.

„Членството во НАТО е важно затоа што овој воен сојуз особено кај нас на Балканот овозможува стабилност, безбедност и неповредливост на границите. Покрај тоа НАТО е гаранција за раст на економијата, прилив на странски инвестиции. На крајот, Македонија да е членка на НАТО, диктаторскиот режим на Никола Груевски, заедно со неговите спонзори, не би се осмелил да предизвикува нереди, какви што, за жал, имавме прилика да гледаме во последните неколку години“, рече Заев.

На новинарското прашање како ќе биде решен спорот со Грција, поради кој Македонија има блокиран пат кон НАТО, Заев одговори дека верува дека тоа ќе се случи преку дијалог меѓу двете влади, кои ќе го почитуваат македонскиот идентитет, гордост и достоинство.

„Така ќе се дојде до решение на овој спор кој трае веќе неколку децении. При тоа, верувам ќе ни помогне и опозицијата, но и граѓаните на Македонија, кои, ако дојде ред до тоа, ќе ги повикаме да се изјаснат на референдум за прашањето за името на државата во која живеат.

Знаете дека Грција го постави прашањето за промената на името како услов за членството во НАТО. Искрено не знам што се очекува од нас – да се прогласиме за марсовци?! Ние сме Македонци и ништо друго не може да бидеме. Сакам да потсетам дека 123 земји во светот нѐ признале како Република Македонија. И токму поради оваа причина сметам дека со помош на граѓаните на опозицијата и на меѓународната заедница, многу наскоро ќе го решиме спорот со Грција. Тоа ќе ни овозможи да го следиме примерот на Црна Гора и да станеме 30-та полноправна членка на НАТО “, рече Заев.

 

 

Поврзани новости