Заев: Лага е дека ќе ги обвиниме Србите за геноцид врз Албанците

by fokus

Ги добив потписите за формирање влада и се надевам дека таа работа ќе ја завршиме за десетина дена, а Груевски чувствува дека ја губи власта и сака да предизвика судири со братскиот народ, вели Зоран Заев, лидерот на СДСМ во изјава за српски Курир во врска со пишувањата во одредени медиуми дека дека со ДУИ договорил Србите да се прогласат виновни за геноцид над албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година.

„Оваа вест не е точна и покажува лоша намера на булументата која го финансира поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски’, изјавил Заев.

Тој порачал дека е доста од лажниот патриотизам со кој го прикривале грабежот на народот. Заев вели дека тоа е „криминална банда која сака да се спаси себеси од одговорноста пред правосудниот систем во Македонија“.

„Во овој момент тие се подготвени да нè скараат со братскиот народ во Србија“, нагласил Заев.

Лидерот на СДСМ за српскиот медиум рекол дека во преговорите со албанските партии бил спомнат геноцидот кој се случил во минатиот век од страна на разни војски над цивили.

Во врска со доставувањето на потписите потребни за добивање мандат за составување на влада, Заев рекол дека утре ќе му ги достави 67-те потписи на претседателот Иванов и се надева дека новата влада ќе биде брзо формирана.

„Изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, да ми биде даден мандат за состав на нова влада, е една од причините за покренување на оваа валкана кампања. Груевски знае дека не може да го избегне тоа што ќе се случи во Македонија. Ветувам, односите со Србија ќе бидат подобрени. Груевски долго беше на чело на државата и соработката е на најниско ниво, а нашите народи се поврзани“, рекол Заев.

Поврзани новости