Заев контра Мерко: Сите дивоградби во заштитеното подрачје под УНЕСКО ќе мора да се урнат

by fokus

За изјавата на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко дека за него не е прифатливо тоа што го бара УНЕСКО од општините во охридското крајбрешје, бидејќи ќе резултира со штета, односно дека не ги прифаќа препораките за уривање на дивоградбите и измените на Урбанистичкиот план, премиерот Зоран Заев посочи дека ги почитува определбите на сите во државата и исто така ги цени и коментарите, но сите во еден глас треба да бидеме за почитување на законите и за заштита на Охридското Езеро и охридското крајбрежје.

– При нашата определба дали ќе прифатиме градење на се и сешто или ќе прифатиме заштита од УНЕСКО, а тоа значи отстранување на сите бесправни објекти што се во заштитениот регион согласно УНЕСКО и Планот за заштита согласно УНЕСКО, и идните одобренија за градба, мора да се придржуваат согласно Управувачкиот план на УНЕСКО, што е определба на граѓаните, а граѓаните се светост во демократијата и нивниот збор е последен, додаде Заев.

Тој истакна дека речиси 100 проценти од граѓаните се определени за заштита на охридското крајбрежје, а државата стои на располагање да помогне и да интервенира за материјални вредности доколку дојде до загуба. Заев истакна дека согласно Законот за легални градби јасно е утврдено што е дозволено да се легализира, а што не.

– Нема да отстапиме од која било определба без разлика какви било политички реперкусии би се случиле од поединци, односно граѓани што имаат бесправни градби. Ние ќе опстоиме на овој план, додаде Заев.

Премиерот апелираше до општините Охрид, Дебар и Струга да ги почитуваат Законот за легализација и Законот за управување со охридското крајбрежје согласно УНЕСКО, бидејќи пред се се законски решенија, а потоа и трајна определба на сите граѓани на Северна Македонија.

Поврзани новости