Заев кон шпанските бизнисмени: Вратите на Северна Македонија се широко отворени

by Fokus

Со состанок во Шпанската конфедерација на бизнис организации (CEOE), премиерот Зоран Заев денеска ја започна работната посета на Кралството Шпанија, во рамките на неговата европска агенда.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата со претседателот на конфедерацијата Антонио Гараменди, на која присуствуваше и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, премиерот Заев истакна дека неговата посета на Шпанија, меѓу другото, има за цел да покаже дека Северна Македонија ги отвора широко вратите за шпанските инвеститори.

Премиерот Заев, како што е наведено во соопштението, ја претстави економската програма за финансиска поддршка за директните странски инвестиции во земјата како и сите други поволности како даночните, царинските и другите олеснувања за странските компании и додаде дека Северна Македонија како раскрсница на Западен Балкан и на Југоисточна Европа, претставува своевиден хаб од кој понатаму нуди развој и бизнис експанзија и на други пазари.

-Нашата економија се развива врз принципите на слободниот пазар и ги негува најдобрите европски и светски вредности за водење бизнис. Северна Македонија развива пријателска средина за странските инвестиции и тоа го потврдуваат десетици најреномирани компании од светот, потенцираше премиерот Заев на средбата и додаде дека за шпанските инвеститори од посебен интерес можат да бидат вложувањата во зелената дигитална економија, обновливите извори на енергија, земјоделството и транспортната инфраструктура како поволни области за соработка.

Поврзани новости