Заев: Коалицијата со ДУИ нема да им штети на партнерите

by Fokus

Парламентарното мнозинство е стабилно, разбирачката е огромна“, кажа премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарското прашање дали ќе има последици во владината коалиција по најавата за коалиција на СДСМ и ДУИ на локалните избори.

Коалицијата со ДУИ за локалните избори е многу флексибилна и е 100-процентно заокружена за целата наша земја со цел да води грижа и внимание и за помалку бројните политички партии со пратеници или со гласови од претходните избори. Заради изградената голема доверба меѓу нас и одличната соработка што ја имаме и во Парламентот и во Владата можеме  да дадеме предност на правците на кои не упатуваат граѓаните во мултиетничките општини и кај мултипартиските застапености на политичките партии во општините, порача денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

-Коалицијата со ДУИ значи заеднички настап на локалните избори и докрај ќе биде утврдена во зависност од самите кандидати. Може да се случи некаде да поддржиме кандидат на ДУИ уште во прв круг или ДУИ да одлучи да поддржи кандидат на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, а некаде ќе одиме со поддршка во вториот круг зашто имаме и наши и нивни кандидати. Некаде ќе дадеме шанса да одат кандидатите на помалите партии и затоа не би било својствено уште во првиот круг ДУИ да ни даде поддршка или ние да му дадеме на ДУИ кога има кандидати од БЕСА, српските партии или турските партии и слично со цел да дадеме шанса низ демократски  процедури граѓаните да бидат тие кои ќе ги водат конечните коалиции, рече Заев во одговор на новинарско прашање на свеченоста по повод почетокот на изградбата на браната на река Отиња во Штип.

Ние сме владина коалиција со повеќе политички партии, посочи, а најголем коалициски партнер на СДСМ е ДУИ, но тука се и партнерите БЕСА и ДПА од албанскиот блок и 24 партии од Коалицијата „Можеме“.

-Многу ни е важно целата коалиција да опстојува, но сите имаат права да бидат различни заради тоа што се локални избори – избори на личности. На граѓаните им се важни партиите и коалициите, но важни им се и кандидатите и кандидатките за советници и градоначалници. Парламентарното мнозинство е стабилно, разбирачката помеѓу нас е огромна, шанса ќе добие секој и нема  да дозволиме било какво билатерално договарање во оваа голема коалиција да наштети на трета партија од коалицијата. Токму како најголем партнер во оваа коалиција сме максимално посветени да се бира најдобриот квалитет на кандидати и кандидатки за градоначалници и советници во било која општина. Полно внимание имаме како за Штип, така и за Карбинци, како што имаме за Кочани, така имаме и за Дебар. Секаде граѓаните се многу важни за нас и верувам дека ќе направиме најдобра селекција на кандидатките и кандидатите, посочи Заев.

Поврзани новости