Заев ќе лобира за датум за преговори во Берлин, Пендаровски во Брисел

by fokus

Премиерот Зоран Заев во пресрет на самитот на Европскиот совет што треба да се одржи на крајот од јуни во Брисел, денеска заминува во посета на Германија каде очекува позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел во однос на добивањето на датумот за преговори.

– Oчекувам позитивна порака од канцеларката Меркел со прецизни агенди и детали затоа што сите земји немаат никаква дилема ниту каков било аргумент против за добивање датум за Северна Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Само треба да знаеме кога ќе бидат донесени конкретните одлуки – посочи Заев вчера.

Тој нагласи дека политичките одлуки во земјата за тоа дали ќе има реконструкција на Влада или предвремени избори ќе зависат токму од одлуката на Европскиот совет, како и од пораките и јасното соопштување за извесните чекори коишто ќе му ги пренесе канцеларката Меркел на средбата што треба да се одржи во четврток. Убеден е дека земјата ќе добие датум за преговори.

Работната посета на премиерот Заев на Берлин е на покана на Стопанската комора на СР Германија за источна Европа. Според најавата од владината прес-служба, Заев ќе предводи делегација на годишниот прием на Стопанската комора на Германија за источна Европа на кој ќе има свое обраќање.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, пак, денеска  престојува во работна посета на Брисел. Ова ќе биде прва негова посета на Брисел, откако стапи на функцијата.

Шефот на државата ќе има одвоени билатерални средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.

За време на работната посета на Брисел ќе се обрати на трибина организирана од „Пријателите на Европа“, водечка тинк тенк организација која ги поврзува луѓето, ја стимулира дебатата и предизвикува промени за да создаде повеќе инклузивна, одржлива и прогресивна Европа.  Тој ќе говори на тема „Северна Македонија и нејзината потрага за евроатлантска интеграција“.

Поврзани новости