Заев: Ќе паѓа власта на Груевски и злосторничката дружина

by Фокус

Осмомартовскиот марш на жените на СДСМ порачува „Марш на власта, надвор на Груевски и злосторниците на Македонија“. Ваква порака денеска упати лидерот Зоран Заев на традиционалниот марш под мотото „Кој род се: слободата, вистината, иднината“, на кој маршираа илјадници граѓани. .

– Е, ова е глетка над глетките. Е, ова е гордост над сите гордости. Е, ова е најубавата страна на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. Нека се слушне на сите страни од Тетово до сите краишта на Македонија. Распукала Шар планина. Овој Осмомартовски марш ја испраќа силината на пораката на жените на СДСМ. Слободата ја враќаме. Среќен 8-ми март, дами мои. Денеска, оваа наша заедничка мајка пати и плаче по изгубените четири женски чеда. Четири велам, заради тоа што, нивното име е вистината, слободата, демократијата и иднината. Пекаа и чекаа исчезнатите чеда некој да и ги врати. Некој има обврска, повторно среќата во нашата мајка Македонија, да ја врати. Затоа, почитувани пријатели, оваа обврска е на сите нас. Мораме да ги вратиме изгубените чеда на нашата мајка Македонија – се обрати пред насобраните лидерот на СДСМ, Заев, по завршувањето на маршот.

Според него, овие денови, времето во Македонија е врнежливо. Некаде паѓа снег, некаде паѓа дожд, паѓаат и бомби кои најавуваат дека ќе паѓа и нешто друго. Ќе паѓа власта на Груевски и злосторничката дружина.

 

Поврзани новости