Заев ја поздрави регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција: „Плодовите од Преспа ни носат радост на сите“

by Fokus

Поранешниот премиер Зоран Заев ја поздрави одлуката за регистрација на Центарот за македонски јазик во Грција.

-Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите кои зборуваме македонски јазик, на сите Македонци, порача Заев.

Поранешниот премиер им честита на основачите на Центарот за македонски јазик во Грција и на сите граѓани на Северна Македонија и Грција кои се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји.

-Им благодарам и на поранешниот и на сегашниот премиер, Ципрас и Мицотакис, за вербата и посветеноста во градењето искрено пријателство и добрососедство, истакна Заев.

Центарот за македонски јазик во Грција месецов и официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција.

Центарот дава поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.

Центарот за македонски јазик во Грција е локална невладина организација основана во 2022 година од граѓани на Грција.

Судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.

Претходно и партијата Демократски сојуз ја поздрави ваквата одлука, нагласувајќи дека е од историско значење.

Поврзани новости