Заев: Исполнување на мојот сон е да дојдам во Атина, да разговарам за бизнис

by Fokus

Ќе се обидам да ги охрабрам лидерите од соседите, но и тука во Грција, лидерите од Владата, од Парламентот и претседателката на земјата, во Северна Македонија да видат добар партнер за иден развој, рече премиерот на Северна Македонија Зоран Заев за време на панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на „Економист“ и додаде дека лично за него, многу е важно „да му покажеме на остатокот од светот, особено за регионот од Југоисточна Европа, дека секој договор, секое пријателство, секое ракување, носи бенефит за граѓаните“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, македонскиот премиер, говореше за односите со Грција, но и со останатите соседи, за ситуацијата кај нас, за европската перспектива на регионот, како и за денешните средби со грчкиот државен врв.

– Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства. Навистина сум многу среќен, бидејќи сето она што се случи минатите неколку години на Западниот Балкан, верувам дека е некој вид на специјален фокус на Западниот Балкан, за кој нема алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО и дека стратегијата за сите земји нѐ води да направиме реформи во нашите земји, да го подобриме квалитетот на животот за нашите граѓани, да градиме добри пријателства, а преку овие пријателства го сменивме Балканот, сѐ повеќе стануваме Европејци, рече Заев.

Во однос на денешната средба со неговиот грчки колега тој објасни дека ќе разговараат за следните чекори во соработката, една од темите ќе биде и избегнувањето на двојното оданочување, заштита на инвестициите, но и Договорот од Преспа.

– По нашите избори, треба да продолжиме да разговараме за да најдеме начин како да ги решиме бренд имињата на продуктите. Во октомври, коморите од Грција, од Солун и Атина ќе бидат во Скопје за да разменат идеи, а потоа експертската група ќе продолжи за да најде решение за тоа, рече Заев и изрази надеж дека и комисијата за учебниците набргу ќе најде решение.

Премиерот истакна дека по договорите со Бугарија и Грција, Северна Македонија е земја што разви огромно пријателство со сите соседи, а говорејќи за европската перспектива објасни дека нашата земја, заедно со Албанија, очекува во декември да почне преговори со Европската Унија и додаде дека германското претседателство и канцеларката Меркел се посветени на овој процес.

Паралелно, тој спомена дека и улогата и помошта на Грција се важни на патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.

За тоа колку време би требало за Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, Заев рече дека имаме реални очекувања и процесот ќе трае онолку колку што е потребно.

– Пет, седум, десет години. Зависи од нас, но зависи и од Европската унија колку е фокусирана на Западниот Балкан, рече Заев и додаде дека прашањето, „не е да бидеме членки на Европската Унија, само за да бидеме во ЕУ, туку Европа да ја внесеме во внатрешната на Северна Македонија“.

Поврзани новости