Заев: Имаше полицајци кои плачеа поради тоа што не можеа да си ја извршуваат работата

by fokus

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за Швајцарската радиотелевизија – СРФ раскажува за насилството и за тоа што го доживеа во четвртокот во Собрание. На прашањето дали и полицијата била инволвирана, Заев вели:

-Да, се разбира. Полицајци и пратеници на ВМРО ги отстранија металните шипки со кои вратите на парламентот се обезбедени од внатрешна страна. На тој начин оние што протестираа добија можност да влезат во парламентот. Полицајци и луѓе на ВМРО им го покажуваа патот за да можат да стигнат најбрзо што е можно до нас. По два часа полицајци професионалци дојдоа да ни помогнат. Нѐ однесоа во безбедна просторија од каде нѐ евакуираа. Но, до тој момент и овие полицајци немале наредба да интервенираат.

Заев вели дека големо мнозинство од полицајците сака да работи професионално, но тие мора да слушаат наредби.

-Кога шефот на безбедносната служба дава наредба да не се прави ништо, полицајците мора да ја слушаат таквата наредба. Имаше полицајци кои плачеа поради тоа што не можеа да си ја извршуваат работата. Но знам дека многу бргу можеме да ја повратиме професионалноста во сите институции, па и во Министерството за внатрешни работи, вели Заев.

Во интервјуто, тој додава дека Европската унија може да ја ограничи слободата на патување на одредени личности или да ги замрзне банкарските сметки во странство, но тоа се уште го нема сторено.

Поврзани новости