Заев и Рама утре на заедничка владина седница во Поградец, ќе го посетат и Пустец

by fokus

Утре ќе биде одржана заедничката меѓувладина седница на претставници на владите на Република Македонија и на Република Албанија во Поградец, Албанија.

На заедничката меѓувладина седница ќе се разговара на повеќе теми за унапредување на билатералната соработка во областа на инфраструктурно поврзување, изградба на Коридорот 8, олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и зајакнување на соработката во областа на безбедноста.

Конкретно, на седницата е планирано да се потпишат неколку документи за соработка, вклучувајќи план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешна контрола, како и формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од ресорот на образование и наука, ќе се потпишува и меморандум за интензивирана билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Р.Македонија. Дополнително ќе се потпишува меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи.

Следното утро, премиерите Заев и Рама во придружба на владини претставници ќе одат во Пустец каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе го посетат училиштето каде ќе донираат опрема за учениците.

Поврзани новости