Заев и Пешевски на натпреварот на Шкендија

by fokus

Историската шанса на Шкендија да влезе во групната фаза во Лигата на Европа падна во сенка во медиумите, откако на натпреварот со белгискиот Гент се појави лидерот на СДСМ Зоран Заев.

„Навиваме за Шкендија и за нов успех на Македонија“, напиша Зоран Заев на официјалните профили на социјалните мрежи споделувајќи фотографија од натпреварот.

Објавата на Заев денеска беше главна вест во провладините медиуми, кои пишуваат  дека Заев застанал рамо до рамо со навивачите на Шкендија, познати по националистичкото навивање и величaње на УЧК и Голема Албанија.

На фудбалскиот натпревар присуствувал и вицепремиерот Владимир Пешевски, но оваа информација ја „испуштија” истите медиуми.

Заев пак, на критиките одговори преку обраќање на својот Фејсбук профил.

-Како многу од вас јас го сакам фудбалот. Синоќа еден од нашите тимови имаше шанса да игра во Европа и тоа е прекрасна работа. Јас ја сакам Македонија и затоа навивам за нашите клубови. Вчера играа Македонци, Албанци, Бошњаци и други, и сите се бореа за иста цела и тоа е убавината на спортот, тоа е убавината на Македонија. Жално е што тоа не го препознаваат нашите противници. Јас ќе продолжат да го поддржувам македонскиот спорт и горд сум на тоа – порача Заев.

Инаку, Шкендија ја изгуби шансата за влез во групната фаза во Лигата на Европа, по вчерашниот пораз од Гент со 4:0

Поврзани новости