Заев и Мицкоски синоќа се сретнале и се „пазареле“ за СЈО

by fokus

Премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска синоќа се сретнале со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и адвокатот Тони Менкиноски. На средбата разговарале за иднината на СЈО.

Преговарачот од страната на ВМРО-ДПМНЕ, адвокатот Менкиноски за „Фокус“ вели дека било договорено да не се соопштуваат детали во јавноста, но посочи дека средбата била „плодна“.

Како што неофицијално дознаваме ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето сите истраги и предистраги кои СЈО ги покрена по 30 јуни 2017 година да запрат, односно СЈО да ги доврши само предметите кои се во судска постапка. Се шпекулира дека е можно да се најде компромис околу ова барање, односно истрагите, без бомбите да се преселат во редовното обвинителство.

Премиерот Заев вчера, пред средбата, изјави дека е изработена нова верзија за законот за СЈО, во која во одредени сегменти се прифаќаат голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи дека очекува средите да продолжат веќе од наредниот ден, но сепак се сретнале само неколку часа по оваа негова изјава.

Потврда за средбата стигна и од Министерството за правда.

-Вчера, 8 април 2019 година, се одржа средба на која се разгледуваше последниот законски текст за Јавното обвинителство. Со оглед на тоа што клучните разлики остануваат, двете страни се согласија консултациите за законот да продолжат. За крај, уште еднаш потенцираме дека сите политички партии треба да дадат приоритет на европската перспектива на нашата држава, земајќи ги предвид препораките на Европската Унија и меѓународната заедница кои се однесуваат на владеење на правото и правната држава, а кои се клучни за отпочнување на преговори со Европската Унија, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Валентина Вурмо

Поврзани новости