Заев и Хан на прес во Брисел: Придвижување на Македонија кон ЕУ

by fokus

Придвижување на Македонија кон евро-атланските процеси со цел што побрзо да се започнат преговори за членство во Европската унија е еден од главните приоритети на новата влада, порача премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес конференција од Брисел со еврокомесарот Јоханес Хан.

Заев порача дека со Хан се согласиле дека Македонија е партнер на ЕУ и дека сега и потребно подддршка повеќе од кога било за интеграциите во ЕУ.

„Ова е мојата прва официјална посета и ја покажува јасната посветеност на членството во ЕУ, за нас членството во ЕУ нема алтернатива. Имаме за цел да ги почнеме преговорите што побрзо, крајно време е овој процес да се придвижи нанапред. Сосема е јасно дека поддршката треба да биде оправдана со резултатите кои ќе ги постигнеме дома за судството, владеењето на правото и останатите области. Прва билатерална посета која ќе ја имам е во Софија, да дискутираме како може да ја зајакнеме  и добрососедските односи. Министерот за надворешни работи ќе се упати во среда во Атина за да се разговара за подобрување на билатералната соработка“, рече Заев.

Според него, новата влада има намера да ја придвижи Македонија многу брзо кон целосна интеграција во ЕУ заедно со сите чинители кои можат да помогнат во овој процес.

„За прв пат во самостојноста предадовме доста Комисии во парламентот да бидат водени од опозицијата, бидејќи ако постигнеме некаков успех тој ќе биде заеднички“, рече Заев.

Во однос на проблемот со името како пречка за членство во ЕУ Заев порача дека ско се има пријателски однос, може да се најде решение на се.

„Грција е наш голем пријател и тие можат да застанат на нашиот процес на секое поглавје, буквално 35 пати. Но ако имаме пријателски однос, ќе имаме поголем позитивен амбиент. На мојата земја и треба поддршка од соседите и треба поддршка и од Грција, и се надеваме дека соседите ќе водат грижа да ни помогнат на патот кон ЕУ“, додаде тој.

Хан: Има нов моментум за решавање на проблемот со името

Еврокомесарот Јоханес Хан рече дека мора да работиме на решение на проблемот со името како и дека во регионот мора да се научи да се прави компромис.

„Се уште има тенденција да се гледа кој е губитник, кој е победник, а всушност не би требало тоа да се случува. Ако луѓето разговараат, се надевам дека решение може да се најде, нема да биде лесно, но сега има нов моментум и се надевам деа ќе ја искористиме оваа ситуација. Мора да се најде заедничко решение, ако имаме отворен ум и ако има волја секогаш е можно“, рече Хан.

На новинарско прашање дали е можно земјава да влезе во ЕУ под „ФИРОМ“, тој повтори дека за една земја да влезе во семејството на ЕУ и за да ги затвори преговорите за членство, потребна е едногласна одлука од сите земји членки и затоа мора да се најде решение.

Поврзани новости