Заев: Груевски, за даночно затајување предвидени се најмалку 4 години затвор!

by Фокус 14:21
14:21

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес конференција повторно побара одговор од премиерот Никола Груевски за наводната криминална продажба на Македонска банка, која според Заев, била спроведена лично од премиерот.

– Го повикав неколку пати досега Никола Груевски, да и одговори на македонската јавност, за криминалот во којшто тој е лично инволвиран. Груевски организирал продажба на „Македонска банка“, а ниту бил акционер, ниту бил сопственик, туку само претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ја продал банката зад грбот на акционерите и зад грбот на директорот на банката. Никола Груевски од продажбата на Македонска банка лично земал кеш од милиони евра, рече Заев.

- Advertising -

Тој го предупреди Груевски дека за кривичното дело даночно затајување, е предвидена казна од најмалку четири години затвор, во согласност со Кривичниот закон.

– Не е доволно што Груевски е фатен на дело, туку тој продолжува да ги лаже граѓаните, па дури и ја блокираше информацијата во сите медиуми под негова контрола. Денес на медиумите има повеќе изјави како Груевски ја лаже македонската јавност дека не направил криминал, а го игнорираат доказот за криминалот, односно скандалозната аудио снимка што го разоткрива неговото вистинско лице, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ го обвини премиерот дека му станало навика да избегнува да плаќа данок.

– Сѐ почнува од криминалниот модел што го воспоставил Никола Груевски и оттогаш наваму се шири тој за него успешен модел, којшто денес финансиски ја клекна на колена Република Македонија. Овој модел денес контролира се во државата, обвини Заев.

Тој уште еднаш јавно го повика премиерот Груевски на одговорност, притоа нарекувајќи го основоположник и креаторот на криминалната мрежа во Македонија.

– Никола Груевски, те повикувам, веднаш да понесеш одговорност и да ги тргнеш валканите раце од Македонија. Можеш да ја спасиш Македонија и македонскиот народ од маката со еден потег – да заминеш. Ќе се повлечеш и ќе признаеш дека си длабоко забразден во криминал или да продолжам да излегува, пред јавноста и да ја покажувам твојата бесконечна игра со кеш?, праша Заев.

 

Поврзани новости