Заев: Груевски примил 1,5 милиони евра во кеш од Газда Нини

by Фокус 14:22
14:22

Никола Груевски лично ја продал „Македонска банка“ АД Скопје, на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини. Преку четири офшор и две домашни компании коишто официјално поседувале 51 процент од акциите во „Македонска банка“, а биле под контрола на Груевски, истите акции биле продадени на Газда Нини, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Тоа се оф-шор фирмите „Сабико Лимитед Ингланд“, „Аршвеј инженеринг Лимитед Ингланд“, „Натурал планет Лимитед Ингланд“, „Силвер универз Лимитед Ингланд“ и домашните „Радио Рос“ Дејан и други ДОО Скопје и „Еверест“ 2000 ДОО Скопје. Официјалната сума на продажбата била преку 50 милиони денари или приближно 900.000 евра според официјалните документи.
Меѓутоа, надвор од овие официјални договори одобрени од Љубе Трпевски – тогашен гувернер на Народна банка, Никола Груевски договорил дополнителна сума од 1,5 милиони евра за продажбата на „Македонска банка“ на Газда Нини. Оваа дополнителна сума од 1,5 милиони евра била исплатена на црно, во кеш на Никола Груевски.
СДСМ за оваа криминална активност на Груевски поседува докази и тие денеска ќе ги споделиме со целата македонска јавност. Во јануари 2004. официјалните средства од преку 50 милиони денари или приближно 900.000 евра, легнуваат на банкарските сметки на шесте фирми акционери. Потоа во рок од 4 месеци, најголемиот дел од овие пари се повлечени во ќеш, по налог на Никола Груевски.
И за ова имаме докази. Значи, Никола Груевски се стекнал со вкупен кеш од околу 2.400.000 евра од продажбата на 51 проценти од акциите на Македонска банка. Поради ваквиот начин на продажба, освен што се прекршени многу закони, директно е оштетен буџетот на Република Македонија со сума од над 225.000 евра по основ неплатен данок на добивка – изјави претседателот на социјалдемократите.

- Advertisements -

Заев го праша Груевски:

– По кој основ тој ги контролирал шесте фирми акционери во „Македонска банка“? Каде завршиле речиси 900.000 евра повлечени од банкарските сметки на шесте фирми акционери во „Македонска банка“? Каде завршиле 1,5 милиони евра платени во кеш од газда Нини на Никола Груевски? Каков е моралниот кредибилитет на Никола Груевски да прави спектакли од апсења, обвинувања и драстично казнување на луѓето за доцнење со ДДВ, неиздавање на фискална сметка, ситни сметководствени грешки, плаќање или примање готовинa, а тој самиот примил 1,5 милиони евра кеш од газда Нини со што директно ги крши законите и директно го оштетил буџетот на Македонија, државата која му е пред се, за најмалку 225.000 евра? Зошто „Македонска банка“ отиде во ликвидација во 2007 година, време во кое Груевски е премиер на Република Македонија? Дали ова беше обид за прикривање на трагите од овој криминал?

Документите што ги приложи Заев:

 

Поврзани новости